Болести на уво, грло, нос и усна шуплина PDF Печати Е-пошта

Тонзилитис 

Тонзиларната патологија е вистински проблем на медицината, кој ги надмина рамките на оториноларингологијата. Овој проблем ги интересира терапевтите, педијатрите, инфектолозите и ревматолозите. Актуелноста и социјалното значење на овој проблем потекнува од фактот што нивото на разболување со ангина (акутен тонзилитис) и хроничен тонзилитис значајно порасна, особено кај децата и возрасните. Ангината се наоѓа на прво место според разболувања. Со хроничен тонзилитис боледуваат околу 15,8% од населението. Освен тоа, тонзилитис може да доведе до тешки компликации, да доведе до појава или влошување на многу други болести, вклучувајќи ги и болестите на срцето и крвните садови кои може да резултираат со смрт. Тонзилитис игра улога и во развојот на колагенските болести (болестите на сврзното ткиво – на пример, реума).

Крајниците се познати одамна, а операцијата за вадење на крајниците (тонзилектомија) е опишана уште на почетокот на нашата ера. Крајниците се наоѓаат во грлото, каде што завршуваат душникот и хранопроводот. На таков начин, крајниците имаат постојан контакт со различни иритатори кои навлегуваат во организмот од првите денови на живот со воздух и храна.

Тонзилитис претставува инфективно заболување кое најчесто се предизвикува од бета-хемолитички стрептокок од групата А, а поретко од стафилокок и други микроорганизми. За појава на тонзилитис неопходно е изменување за заштитната реактивност на организмот. Затоа одредено значење во настанокот на инфекцијата имаат општата интоксикација, општо или локално оладување на организмот, нерационална исхрана, лоши услови на живеење и труд и други фактори.

Иако воспалителните процеси можат да зафатат различни компоненти на лимфаденоидниот прстен, сепак во најголем број случаи, тие ги напаѓаат токму крајниците. Поради тоа, под терминот “тонзилитис“ во практиката се подразбира заболување на крајниците.

Тонзилитисите се делат на акутни (ангини) и хронични. Акутните тонзилитиси се делат на примарни и секундарни. Акутните, примарни тонзилитиси  се акутни воспалителни заболувања кај кои најизразен симптом е воспаление на крајниците. Во зависност од карактерот на воспалението, примарните тонзилитиси имаат повеќе форми. Акутните, секундарни тонзилитиси претставуваат воспаление на крајниците кое се појавува како последица на други акутни инфекциски заболувања и заболувања на крвниот систем.

Хроничниот тонзилитис може да биде неспецифичен и специфичен. Специфичен тонзилитис се јавува како последица на туберкулоза, сифилис, склером. Што се однесува до неспецифичен тонзилитис, тој има две клинички форми – компензиран и декомпензиран. При компензирана форма се зачувува заштитната бариерна функција на крајниците. При декомпензирана форма оваа функција или е значајно намалена или е целосно отсутна. Најраспространет е хроничниот неспецифичен тонзилитис кој постепено прогредира од компензирана форма до декомпензирана, кога во практиката се препорачува спроведување на операција тонзилектомија (вадење на крајниците), бидејќи во овој случај крајниците веќе претставуваат извор на хронична инфекција и немаат никаква заштитна функција.

 

Според тоа, ангина (акутен тонзилитис) е инфективно заболување со локално манифестирање во вид на воспаление на еден или на неколку компоненти на лимфаденоидниот прстен, најчесто на крајниците. Терминот “ангина” (од латинскиот “анго” - да стега, да гуши) не е семантички точен, бидејќи акутно воспаление на крајниците многу ретко е проследено со гушење. Но, таков назив на болеста е широко распространет помеѓу медицинските работници и населението и може да се применува паралелно со терминот акутен тонзилитис или влошување на хроничен тонзилитис.

 

Симптоматска слика

 

Катарална ангина се карактеризира пред се со површно воспаление на крајниците, при што тие малку се отечени и силно се зацрвенети. Болните чувствуваат општа слабост, главоболка, болка во грлото при голтање, понекогаш болка во зглобовите (при развој на имунолошки компликации). Температурата на телото  обично е малку зголемена и често се појавува треска. Катарална ангина често пати се развива во потешки форми на воспаление на крајниците. Катаралната ангина обично трае 1-2 дена, после што или преминува во друга форма (потешка) или поминува. Катаралната ангина не треба да се меша со акутен фарингитис. Акутниот фарингитис обично е пропратна појава при акутни респираторни инфекциски заболувања и се изразува со вцрвенување на целата слузокожа кај грлото, вклучувајќи ги и крајниците.

 

Во споредба со катаралната, лакунарната и фоликуларната ангина претставуваат потешки заболувања. Тие обично започнуваат со појава на треска и зголемена температура до 39-40 степени. Освен тоа, болните чувствуваат општа слабост, главоболка, болка во грлото, зглобовите и мускулите. Често се појавуваат болки во пределот на срцето, отсуство на апетит, тврда столица. Лимфните јазли околу вилиците се зголемени и болат. Анализата на крвта покажува зголемување на леукоцитите и нивни млади форми, во урината често се појавуваат белковини и клетки на крвта.

Акутно воспаление понекогаш, освен крајниците, ги напаѓа и другите компоненти од лимфаденоидното ткиво, кои се наоѓаат околу носот, на врвот на јазикот, од страна во усната шуплина и во грлото. Понекогаш воспалението зафаќа цел лимфаденоиден прстен.

При акутно воспаление на крајникот се појавува болка во грлото која достигнува дури до носната шуплина и е отежнато дишењето преку носот.

Во случај на воспаление на третиот крајник се појавува болка при голтање и при вадење на јазикот. Воспаление на третиот крајник, при проширување, може да доведе до гнојно воспаление на јазикот.

Во случај на воспаление на лимфоденоидно ткиво, странично во грлото, се набљудува мала болка при голтање и незначајно зголемување на температурата. Понекогаш заболувањето може да се комплицира и да доведе до гнојно воспаление на ткивата наоколу.

Акутно воспаление на лимфаденоидното ткиво кое се наоѓа на влезот во душникот, се манифестира со многу силна болка при голтање, со стеснување на  отворот помегу гласниците, што може да доведе дури до гушење. Во овој случај, понекогаш се прибегнува до поставување на трахеостома (цевка која се воведува во трахејата преку кожната површина).

 

Акутен тонзилитис може да се влоши при што доведува до појава на паратонзилитис, перитонзиларен абсцес, тонзилогенски медијастинитис, тонзилогена сепса.

Паратонзилитис се појавува како последица на акутен воспалителен процес на крајниците кој преминува на соседните ткива и доведува до нивна воспалителна инфилтрација. Овој процес може да се одвива од една страна или од двете страни.

Перитонзиларен абсцес се појавува како последица на гнојни процеси при паратонзилитис. Во случај на појава на перитонзиларен абсцес отекува воспалениот мек дел, намалувајќи го отворот кај душникот и сместувајќи го третиот крајник кон здравата страна (заболувањето е најчесто еднострано). Температурата на телото брзо се зголемува, се појавуваат силни болки при голтање и е отежнато примањето храна. Карактеристичен симптом за оваа состојба е болка при отворање на устата што е предизвикано од спазам на мускулите кои одговараат за џвакање. Лимфните жлезди кои се наоѓаат во близина, се зголемуваат и болат на допир. Во зависност од локализација на абсцес се разликуваат преден, страничен, горен и заден перитонзиларен абсцес.

Латерофарингеален (парафарингиален) абсцес е гноен оток во страничниот простор околу душникот кој е проследен со набубрување на страничниот дел во душникот, оток на ткивата и висока температура.

Тонзилогениот медијастинитис се појавува како последица на горенаведените компликации после распространување на гнојниот процес на системот на нервни и крвни садови на вратот. При појава на оваа компликација се забележува оток на страничната површина на вратот, проследена со болка.

Тонзилогената сепса е најтешка компликација на акутен тонзилитис. Може да се развие од горенаведените компликации (покасна форма), но и самостојно, во која било фаза на акутниот тонзилитис во врска со распространување на инфекцијата (почетна форма). При тонзилогената сепса одеднаш се зголемува температурата на телото, често со големи варијации и силна треска. Лимфните жлезди под вилиците и на вратот, обично се зголемуваат и болат. Понекогаш болеста е проследена со болка над градите. Во некои случаи можат да се јават гнојни метастази во различни органи. Анализата на крвта покажува зголемен број на леукоцити и на нивни млади форми.

 

Лекување

Болните од катарална, лакунарна или фоликуларна ангина обично се лекуваат во домашни услови. Доколку болеста има тешки форми, или се јават компликации, се препорачува лекување во болница на инфективно одделение.

Во првите денови на болеста се препорачува лежење во кревет, се додека состојбата не се подобри. Болниот треба да се изолира од другите. Неговиот кревет треба да се одвои од просторијата со завеса или обесен чаршаф, му се издвојуваат посебни садови, крпа и сад за плукање.

Сите болни од ангина треба да направат анализа на крвта и урината. Доколку на крајниците постои слуз и налепи, таа треба да се земе за анализа за да се исклучи дифтерија. Освен тоа, треба да се земе анализа за откривање на предизвикувачот на болеста и за одредување на неговата чувствителност на антибиотици. Во процесот на лекување на болеста, треба да се прегледат и внатрешните органи, да се набљудува и следи столицата. Во случај на потреба, се препорачува прочистување на цревата со клизма или со средства за прочистување.

Болниот треба да се храни со производи кои лесно се варат и не иритираат. Се препорачуваат млечни и растителни производи кои се богати со витамини, посебно од групата С и В. За намалување на интоксикација, се препорачува обилно пиење топол (но не врел за да не се зголеми отокот) благ чај со лимон, овошни сирупи, загреани овошни сокови и минерална, негазирана вода.

При ангина се користат претежно пеницилински антибиотици бидејќи токму овие антибиотици активно ги уништуваат бета-хемолитичките стрептококи од групата А, кои најчесто ја предизвикуваат ангината. Ако болниот го применува горенаведеното лекување, а во тек на 3-4 дена не се набљудува изразен клинички ефект, се смета дека болниот има ангина која не е предизвикана од стрептококи, туку од стафилококи и тогаш се препорачува пиење на други соодветни антибиотици, макролиди (еритромицин по 0,4 г на секои 6 часа, во тек на 5 дена или други антибиотици по 500мг на ден, во тек на 3-6 дена). Исто така, се препорачува пиење на овие антибиотици во случај кога болниот е алергичен на пеницилински препарати. Сулфаниламидни препарати и тетрациклински антибиотици при ангина се неефикасни.

Во зависност од различни симптоми кои се појавуваат при ангина, се препорачува пиење препарати за намалување на температурата, за намалување на болките, антихистамински препарати и средства за смирување. Се препорачуваат и други препарати по потреба. Во случај на хронични тонзилитиси се пијат препарати за имунокорекција.

Локално се применуваат топли компреси на пределот околу вратот, посебно на лимфните жлезди. Доколку лимфните жлезди се значајно зголемени и се чувствува болка, се препорачуваат некои болнички процедури и микробранска терапија.

Во случај на катарална ангина, често се препорачува плакнење на грлото со чај од жалфија или камилица. Во случај на лакунарна и фоликуларна ангина добро помагаат плакнења со топол раствор на натриум хлорид и други слични препарати. Болниот треба да го плакне грлото 3-4 пати на ден, после јадење. Забелешка: треба да се избегнуваат многу енергични плакнења на грлото бидејќи на таков начин се трауматизираат воспалените крајници, а тоа може да предизвика ширење на инфекција.

Доколку болниот поради одредени причини не смее да зема антибиотици, во консултација со доктор се одбираат други препарати кои не содржат антибиотици, но кои го намалуваат воспалителниот процес.

При лекување на ангините може да се појави проблем на адаптација на предизвикувачот на болеста спрема одредени медицински препарати или проблем на алергиска реакција на пациентот спрема препаратите. Поради тие причини, за лекување на акутни и хронични тонзилитиси се користат концентрати на сребрената вода кои не предизвикуваат никакви нус-појави кај болните. Освен тоа, предизвикувачите на болеста не се адаптираат спрема дејството на сребрената вода и поради тоа, таа се јавува како доста ефикасно средство, сосема безбедно за лекување. Сребрената вода може да се пие посебно, а може и заедно со антибиотска терапија. Во состојбите после тонзилектомија (вадење на крајниците), се намалува заштитната функција на лимфаденоидниот прстен и во овој случај, терапијата со сребро има незаменливо значење. Сребрената вода треба да се пие во превентивни цели, во тек на подолг период на времето.

 

Примена на јонизаторот НЕВОТОН-115/112 при лекување на болести на крајниците

Ангина (акутен тонзилитис, влошување на хроничниот тонзилитис) и хроничен тонзилитис

Симптоми: клинички знаци на воспаление на крајниците се болки во грлото кои стануваат посилни при голтање, оток и зацрвенување на слузокожата, отекување и зацрвенување на ткивата околу крајниците, зголемување на крајниците, појава на гнојни точки врз крајниците, гнојни фоликули, општа слабост, често зголемување на температурата над 37 степени .

Примена на сребрената вода: плакнење на грлото со сребрена вода, плакнење на крајниците и на усната шуплина 3-4 пати на ден до постигнување на очекуваниот резултат. Концентрацијата на среброто во растворот е 20000 мкг/л.

Очекуван резултат: исчезнување на воспаление на крајниците, исчезнување на болките во грлото, отокот и зацрвенувањето на слузокожата, исчезнување на гнојот и гнојните фоликули.

 

Состојба после тонзилектомија

Симптоми: клинички знаци на трауматски (постоперативен) и хроничен фарингитис (воспаление на грлото) – болки во грлото кои се зголемуваат при голтање, оток и зацрвенување на слузокожата.

Примена на сребрената вода: плакнење на усната шуплина, крајниците, местата околу крајниците и грлото со сребрена вода по 3-4 пати на ден, до постигнување на очекуваниот резултат. Концентрацијата на среброто во растворот е 20000 мкг/л.

Очекуван резултат: исчезнување на знаците на воспаление на грлото – намалување или целосно исчезнување на болката, отокот и црвенилото на слузокожата.

 

 

Ринитис

Дишењето преку нос претставува нормален физиолошки акт и поради тоа неговото нарушување предизвикува суштински промени во организмот:

  1. Намалување на размената на гасови во белите дробови и како резултат на тоа, зголемување на киселоста на крвта;
  2. Менување на физичко-хемиските својства на крвта;
  3. Нарушување на размената со кислород (при трахеално дишење преку уста содржината на кислород во крвта е помала за 25-30%  отколку при дишење преку нос) предизвикува намалување на количината на еритроцити и хемоглобин, зголемување на бројот на леукоцити, промена на работата на срцето, зголемување на артеријалното дишење.

Постојат податоци според кои при отежнување на дишењето преку нос, се менува биоелектричната активност на мозокот, очниот притисок и крвниот притисок. Нарушувања на крвотокот и лимфотокот во черепот доведуваат до нарушување на работата на нервниот систем што доведува до главоболки, до намалување на интелектуалната работоспособност, до влошување на помнењето. Понекогаш со трајно отежнување на дишењето преку нос се поврзува болеста енуреза (ноќно мокрење).

Се разликуваат примарни и секундарни функции на носот. Примарни функции на носот се функција на дишење, заштита и мирис. Секундарни функции на носот е функцијата на мимика, на спроведување на солзи, на учество во доживување на вкус, на учество при зборување и лачна функција. Носната шуплина учествува во формирање на тембар на гласот и при нарушување, а при дишење преку нос секогаш се менува гласот.

Постои акутно и хронично воспаление на носната шуплина - ринитис.

 

Симптоматска слика

 

Акутен ринитис условно се дели на ринитис при настинка и инфекивен (вистински) ринитис. Инфективен ринитис, по правило, се појавува при аденовирусна инфекција, грип, парагрип, риновирусна инфекција, менингококна инфекција, при мали сипаници, скарлатина и дифтерија.

Се разликуваат три фази на акутен ринитис:

  • Прва фаза е сува и се манифестира со чувство на сувост и иритирање во носот, затнување на носот, набубрување на слузокожата.
  • Втора фаза е влажна и се манифестира со тоа што затнатоста на носот се зголемува, дишењето преку нос значително се нарушува, често е апсолутно отсутно и се појавува силно лачење на слуз од носот.
  • Трета фаза е гнојна. Во оваа фаза се намалува набабреноста на слузокожата, дишењето преку нос се подобрува, лачењето е со гној и слуз, во почетокот во големи количини, а подоцна се намалува и постепено завршува. Процесот обично трае 7-8 дена.

Не секогаш акутен ринитис завршува така едноставно. Понекогаш ситуацијата може да се влоши така што ринитис може да предизвика воспаление на грлото, трахеата, па дури да доведе и до пневмонија. Освен тоа, ринитис може да предизвика отитис, воспаление на солзните жлезди и воспаление на кожата на ноздрвите.

Без оглед на можните компликации, акутен ринитис кај возрасен човек не се смета за сериозна болест. Но, акутен ринитис кај деца, особено кај доенчиња, се смета за доста тешка болест. Работата е во тоа што доенчињата не можат да цицаат кога дишењето преку нос е блокирано. Освен тоа, при дишење преку уста, детето голта и воздух – аерофагија која предизвикува собирање гасови, подигање на дијафрагмата што уште повеќе го отежнува дишењето.

Хроничниот ринитис се сретнува доста често и во структурата на сите отолариноларинголошки заболувања  и се наоѓа на трето место после тонзилитиси и отитиси.

Хроничниот ринитис се дели на следниот начин:

      Катарален ринитис;

      Хипертрофички ринитис:

      ограничен;

      дифузен (распространет).

      Атрофички ринитис:

      обичен – ограничен, дифузен;

      тежок со зголемен секрет.

      Вазомоторен ринитис:

      алергиска форма;

      неуровегетативна форма.

 

Причините за појава на хроничниот ринитис се многу различни. Основни причини се инфекција, акутни ринитиси кои често се повторувале, заболувања на околуносните синуси, влијание на лоши метеоролошки фактори, влијание на прашина, пареи, гасови, полен од различни растенија, долги нарушувања на слузокожата на носот поради алкохолизам, хронични заболувања на срцето, крвните садови и бубрезите. Во основа на развојот на вазомоторниот ринитис е изменета реактивност на организмот и функционални нарушувања во ендокринолошкиот, централниот и вегетативниот нервен систем.

При хроничниот катарален ринитис болните се жалат на постојано лачење на слуз или слуз со гној од носот, на променлива затнатост на едната или на другата страна на носот, појава на отежнато дишење преку носот во хоризонтална положба на телото или за време на физичка неактивност кое исчезнува при промена на положбата или при физичко активирање.

Хроничниот хипертрофичен ринитис се манифестира преку постојано и силно изразено отежнато дишење преку носот. Понекогаш повеќе се нарушува или вдишувањето или издишувањето, а тоа зависи од тоа дали предните или задните краеви на долните носни школки се хипертрофирани (зголемени). Поради долго траење на отежнато дишење, кај болниот може да се појават главоболки, намалување на осетот за мирис, намалување на слухот, промена на гласот.

Едноставниот атрофичен ринитис се манифестира преку чувство на сувост во носот, појава на крусти на слузокожата и периодични мали крварења од носот. По правило, крварењето престанува без лекарска помош, самостојно или со помош на ставање во носот топче од вазелин или притискање на крилото на носот.

Озена се карактеризира со атрофија на слузокожата и на коскениот скелет на носната шуплина, со појава на дебели крусти во носот, со специфичен и многу непријатен мирис, со отсуство на осет за мирис (болеста се предизвикува од микроорганизмот – клебсиела озене).

За вазомоторниот ринитис карактеристични се следните симптоми: отежнато дишење преку нос, обилно лачење на слуз или гној од носот, напади на кивање. Долго отсуство на дишењето преку нос и обилно лачење на слуз од носот го отежнува сонот, доведува до главоболка, негативно влијае врз работната способност. Во периодот на влошување на болеста, болниот го мачат напади на кивање, чешање во носот, чешање на очите, отежнато дишење преку нос и обилна течна секреција од носот, кое доведува до воспаление на кожата на ноздрите. Се разликуваат две форми на вазомоторен ринитис: алергиска форма (овде е карактеристично сезонско затнување и лачење од носот или полиноза од која страдаат околу 80 милиони луѓе на светот) и неуровегетативна форма поврзана со функционални промени на нервниот и на ендокринолошкиот систем.

 

Лекување

Лекувањето на хипертрофичен ринитис е хируршко. Атрофичниот ринитис  се лекува со специјални капки, масти со омекнувачки и дезинфицирачки ефект. Озена мора да се лекува само од доктор оториноларинголог за да не дојде до компликации на болеста. Вазомоторниот ринитис се лекува со антиалергенски и неуротропни препарати, со препарати кои ги стеснуваат крвните садови и со физиотерапија. 

Примена на јонизаторот НЕВОТОН-115/112 при лекување на ринитис

Симптоми: лачење од нос на слуз и гној, оток на слузокожата на носот и отежнато дишење преку нос, нарушување на сонот поради отежнатото дишење и рефлекторни главоболки.

Примена на сребрената вода: плакнење на носот со сребрена вода и капки во нос од сребрената вода 3-4 пати на ден, до постигнување на очекуваниот резултат. Концентрацијата на среброто во растворот е 20000 мкг/л.

Очекуван резултат: антивоспалително дејство, намалување на лачење од носот, исчезнување на гнојното лачење од носот, подобрување на дишењето преку нос, подобрување на општата состојба, нормализација на ноќниот сон.

 

Воспаление и екзема на надворешно уво

Воспаление на надворешно уво, по правило, е поврзано со нарушување на хигиената во текот на акутни респираторни инфективни болести, како и со навлегување на патогена микрофлора, адаптирана на обични дезинфицирачки и хигиенски средства. Во развој на екземата учествува алергиски механизам, поврзан со општа зголемена алергеност на организмот и со постоење  бактериска и габична микрофлора во ушната школка, која предизвикува секундарна алергија. Од своја страна, самата инфекција секундарно го влошува алергискиот процес. Болеста се лекува со дезинфицирачки, антибактериски, антигабични препарати и со комбинирани препарати кои содржат хормонални компоненти (кандида В и сл). Се препорачуваат и други соодветни препарати според симптоматската слика.

 

Примена на јонизаторот НЕВОТОН-115/112 при лекување на воспаление и екзема на надворешно уво

Симптоми: оток, црвенило, болка во ушната школка, исип на увото во вид на флеки и бубулички, чешање на кожата, чешање со појави на секундарно бактериско воспаление.

Примена на сребрената вода: плакнења на ушната школка со сребрена вода, капки во уво 3-4 пати на ден, до постигнување на очекуваниот резултат. Концентрацијата на среброто во растворот е 20000 мкг/л.

Очекуван резултат: антивоспалително, антибактериско и антигабично дејство без сензибилизација на кожата, намалување или исчезнување на отокот, црвенилото, исчезнување на гнојните крусти и друг исип, намалување на болката во областа на ушната школка.